На денешното рочиште за случајот „Монструм“ продолжи читањето на СМС пораки поврзани со петкратното убиство кај Смиљковското Езеро. Дел од СМС пораките кои беа прочитани меѓусебе ги испраќале поранешниот министер Џелал Бајрами и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Тие разговараат неколку дена по петкратното убиство, односно Ахмети на 24 април во 7.34 часот, го прашува Бајрами каква е состојбата, по што добива одговор:
-Чекаме претседателе, нема многу јаки докази. Јасно се гледа дека биле професионалци. И на премиерот му реков. Не се случувало вака да егзекутираат деца од зад грб. Ако некој сакал дестабилизација ќе нападнел униформирани лица, полициска станица… Мене ми наликува на сцени од војната во поранешна Југославија. Биле професионалци, не оставиле никакви траги, освен на трагите на гумите од автомобилот, му вели Бајрами на Ахмети.
Тогаш Ахмети го прашува дали имало биолошки траги внатре?
-Најдени се две траги внатре, но не одговараат на оние кои досега биле испрашани, вели Бајрами.
Судењето е во тек.
На почетокот на денешната расправа, судијата кој го води предметот информираше дека се уште трае вештачењето на мобилните телефони на обвинетите, а таквата анализа дека се прави во Секторот за компјутерски криминал во МВР.
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, обвинети се Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири.
Тие претходно беа обвинети на доживотен затвор. Во декември 2017 година, Врховниот суд ја укина пресудата по што случајот го презеде СЈО.