Фотографии снимени во Белата куќа ја покажуваат различноста во стилот на двајцата претседатели на САД, Барак Обама и Доналд Трамп, оценува Асошиејтед прес.
Се работи за фотографии снимени во моментите на смрт на лидерот на Исламска држава, Абу Бакр ал Багдади и осум години претходно во моментите кога беше убиен лидерот на Ал Каеда, Осама бин Ладен.
Белата куќа вчера објави фотографија од Трамп опкружен од петмина високи советници за безбедност, додека ја надгледуваат операцијата на американската војска во Идлиб, Сирија, во која загина Багдади. На фотографијата се прикажани шестмина мажи во темни одела и униформи, како позираат гледајќи со строги погледи, опишува АП. Притоа, претседателскиот грб на фотографијата е видлив точно над главата на Трамп.
Фотографијата, како што наведува АП, повикува на споредба со снимката од истата „кризна соба“ во Белата куќа, чиј официјален назив е „конференциска сала Џон Ф.Кенеди“, на која во мај 2011 година, претседателот Барак Обама, опкружен со соработници ја надгледува операцијата на американските маринци во која беше убиен Бин Ладен.
На таа фотографија, како што наведува АП, снимените актери не позираат, прикажани се 13 целосно или делумно видливи лица околу пренатрупана маса. Обама на фотографијата носи поло маица и лесен мантил, додека со најекспресивно лице на снимката е државната секретарка Хилари Клинтон, која држи рака на устата, додека покрај неа седи министерот за одбрана, Роберт Гејтс.
Фотографијата на Трамп, со претседателот во центарот и сериозниот израз на лицето, повеќе е формална и има за цел да го „потенцира претседателскиот интерес да искаже моќ и величнственост“ од неговата канцеларија, додава АП. Агенцијата исто така додава дека фотографијата прикажува мал круг на советници, во кои тој (Трамп) има доверба.
Единствениот детаљ кој ја нарушува формалноста на оваа фотографија, како што се наведува, е големиот број кабли и компјутери на масата пред шестмината.
Помалку формалната фотографија на Обама, според АП, покажува неизвесност, како и дека поради големата „гужва“ во кризната соба, претседателскиот грб е едвај видлив. Според агенцијата, се чини дека собата преполна со луѓе, кои ја надгледуваат операцијата во Пакистан кога беше убиен Бин Ладен, ја одржува интересот на Обама да добие поширок спектар на опции од поскап советнички тим, заклучува АП.