Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во МладиХаб – Канцеларија на Претседателот, оствари средба со ученици-иноватори од средното училиште „Јосип Броз–Тито” од Скопје, кои креираа филтер за оџак за домаќинства, што не дозволува штетните ПМ10 честички да завршат во воздухот.
Станува збор за помала верзија на филтрите што се вградуваат во фабриките, што би имала примена во домаќинствата кои користат цврсти горива и ослободуваат чад. Проценката на младите иноватори е дека со неговата примена ќе се спречи ослободувањето на штетни честички во воздухот и значително би се подобрил неговиот квалитет.
Претставувајќи ја својата иновација, учениците го информираа претседателот Пендаровски дека во соработка со приватна компанија работат на подобрување на нивниот прототип и се разгледуваат можностите за негово производство и поширока примена.
Претседателот Пендаровски, честитајќи им на учениците за досегашната работа, ја истакна потребата за поддршка на младите иноватори воопшто, како еден од носечките елементи во економскиот развој на државата.