Последната рунда преговори помеѓу Москва, Киев и Брисел за транзитот на гас кон Европа во пресрет на зимата не донесе напредок, изрази разочараност комесарот задолжен за енергетската унија Марош Шефчович.
Сегашниот договор завршува на крајот на годината и станува сѐ поитно да се постигне компромис помеѓу трите страни, иако ЕУ ја смирува јавноста дека е подготвена и за ризични сценарија.
Трите страни требаше да се договорат за основните принципи на идната спогодба за транзит на гас, како што се количината, цените и роковите. Еврокомесарот Шефчович ја обвини директно Русија за неконструктивен пристап поради тоа што барала дополнително време и дополнителни документи.
Москва барала и да се дискутира за прашања кои не се во принцип дел од овие преговори, како што е директна продажба на рускиот гас во Украина.
-Ја подготвив трилатералната средба денеска на начин кој ќе ни овозможеше да постигнеме позитивен напредок доколку имаше политичка волја од сите страни, изјави комесарот по состанокот.
Следната рунда е предвидена во текот на ноември, Европската Комисија останува уверена дека е можен договор на време.