Францускиот претседател Емануел Макрон го осуди вчерашниот напад во џамијата во Франција, во кој беа ранети две лица.
„Остро го осудувам ужасниот напад пред џамијата во Бејон. Моите мисли се со жртвите. Република Франција никогаш нема да толерира омраза. Ќе биде направено се за да бидат казнети осомничените, а муслиманските граѓани да бидат заштитени“ напиша Макрон на Твитер.
Француските медиуми пренесуваат дека нападот го извел Клод Синк, кој на регионалните избори во 2015 година бил кандидат пред партијата на екстремната десница Национален фронт, на Мари Ле Пен.
Маж на 84 годишна возраст беше уапсен откако вчера пукаше и рани две лица во џамија во јужна Франција. Локалните медиуми наведуваат дека напаѓачот, инаку поранешен војник, пукал во луѓе внатре во џамијата. Ранил двајца повозрасни мажи, кои итно биле пренесени во болница.
Напаѓачот кој се уште не е идентификуван е уапсен во неговиот дом. Медиумите додаваат дека полицијата таму нашла пиштол и бомби. Во тек е истрага за инцидентот.