Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес оствари средба со специјалниот претставник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер.
На средбата беа разменети мислења за билатералните односи, окарактеризирани како пријателски и исклучително цврсти. Интеграцијата на нашата земја во НАТО и ЕУ, реформската агенда, како и актуелните политички случувања во регионот исто така беа дел од разговорите. Неодамнешната посета на државниот секретар Мајк Помпео беше оценета како дополнителна потврда на стратешкото партнерство, заемниот интерес за постојан политички дијалог и за натамошно унапредување на севкупната соработка.
Министерот Димитров се заблагодари за континуираната поддршка од страна на САД како на билатерален план, така и во насока на остварување на долгогодишните аспирации на Северна Македонија за полноправно членство во НАТО и во Европската Унија. Во тој контекст, се заблагодари за неодамнешната ратификација на Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО од страна на Сенатот на САД. Ратификацијата несомнено означува чекор поблиску до полноправно членство, како придонес кон постигнувањето долгорочна стабилност и просперитет на земјата и регионот, и зајакнување на транс-атлантската врска.
Соговорниците беа согласни дека посветеноста на реформската агенда, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, претставува вистински одговор на постоечките предизвици. Полноправното членство во НАТО, кое е на прагот, претставува потврда на надворешно-политичкиот ангажман на Република Северна Македонија, политичката волја и институционалната посветеност на изградбата на модерно демократско општество засновано на споделените вредности и принципи.