Шест лица загинаа и повеќе од 100 се повредени во силниот земјотрес што го погоди островот Минданао на јужниот дел на Филипините, соопштија официјалните лица.
Земјотресот со јачина од 6,6 степени ги стресе зградите и предизвика лизгање на земјиштето во регионот кој веќе претрпе голема материјална штета во земјотресот пред две недели кога загинаа пет лица.
Според Филипинскиот институт за сеизмологија и вулканологија, епицентарот на земјотресот бил на околу 25 километри источно од градот Тулунан во провинцијата Котабато, на длабочина од околу 7 километри, пренесува АП.
Градоначалникот на Тулунан, Реуел Лимбунган, вели дека околу 90 проценти од домовите во трите села биле оштетени при интензивно поместување на теренот.
Во неколку градови е прекината наставата за да се проверат зградите.