Бугарската Централна изборна комисија ги соопшти резултатите од локалните избори по преброени 100 отсто од гласачките ливчиња по првиот круг. Констатирано е дека во девет градови избрани се градоначалници, а за 18 ќе се прегласува в недела. За Софија и Шумен се уште се нецелосни податоците.
За досегашната градоначалничка на Софија од ГЕРБ на Бојко Борисов гласале 36,42 отсто од избирачите, додека за Маја Манолова, која е независен кандидат и досегашен национален омбудсман гласале 27,73 отсто. Следната градоначалничка на Софија ќе биде одлучена на вториот круг, на 3 ноември.
Втор круг ќе се одржи и за Шумен, каде Љубомир Христов од ГЕРБ освои 32,35 отсто, додека Венцислав Венков од Бугарската социјалистичка партија (БСП) доби 22 отсто од гласовите.
Во девет града се избрани градоначалници во прв круг (Враца, Монтана, Стара Загора, Бургас, Трново, Карџали, Габрово, Ќустендил и Хасково), од кои осуммина се од редовите на ГЕРБ, а еден од Движењето за права и слободи, центристичка политичка партија во Бугарија која често се опишува како партија на етничките Турци.
Кандидатите за градоначалници на Пловдив, Варна, Русе, Благоевград, Плевен, Перник одат сигурно во втор круг.