Бугарија протера руски допломат кого претходно бугарското јавно обвинителство го обвини за шпионажа, пренесува Еурактив. Рускиот државјанин работел како прв секретар во руската амбасада во Софија.
„Бугарската страна изрази желба вработениот во амбасадата да биде отповикан во понеделник до крајот на денот. Дипломатот, наводно, веќе ја напуштил Бугарија“, соопшти бугарското МНР.
Претходно во понеделникот, бугарското обвинителство соопшти дека почнало кривична постапка против рускиот дипломат. Во исто време случајот беше стопиран бидејќи засегнатото лице ужива дипломатски имунитет.
„Специјалното обвинителство почна постапка за кривично дело против републиката извршено од странски државјанин. Од септември 2018 година, странскиот државјанин собирал информации што претставуваат државна тајна во врска со интересите на Бугарија, Европската Унија и НАТО за пренесување на истите во странска земја“, се вели во соопштението.
Руската амбасада во Бугарија се воздржа од коментар.
Бугарија, за разлика од 14 други членки на ЕУ, не ги протера руските дипломати како реакција на труењето на Сергеј и Јулија Скрипал во Солсбери, Англија. Но минатиот месец, Николај Малинов, бизнисмен кој раководи со проруска невладина организација, беше обвинет во Софија за шпионирање и за перење пари за руски организации.
Бугарските обвинители исто така му забранија на ветеранскиот руски службеник за надворешно разузнавање, Леонид Решетников, да влезе во Бугарија во период од десет години. Решетников е генерал-полковник на руската служба за надворешно разузнавање и поранешен шеф на рускиот Институт за стратешки студии.
Според Еурактив, потегот на Софија е на прв поглед изненадувачки, особено во време кога се отвораат огромни руски енергетски проекти како „Турски поток“ и нуклеарката „Белене“, но треба да се посочи дека развојот на настаните следува откако државниот јавен обвинител Сотир Цацаров и неговиот очекуван наследник Иван Гешев беа во посета на САД.
Во јули 2018 година, Грција, исто така, одлучи да протера двајца руски дипломати и да забрани влез на двајца други под сомнение дека се обиделе да го поткопаат договорот постигнат меѓу Грција и Македонија, пишува Еурактив. Москва рече дека САД стојат зад овој потег и како одговор протера двајца грчки дипломати.
На прашањето за случајот, портпаролот на Европската комисија првично изјави дека станува збор за билатерално прашање и дека извршната власт на ЕУ нема да интервенира. На прашањето како извршната власт на ЕУ е во состојба да ја задржи својата дистанца во случај кога една земја-членка на ЕУ прима закани од трета земја, претставникот на ЕУ одговори дека руското мешање во грчките внатрешни работи е неприфатливо.