Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во Брисел, изјави дека Србија сака членство во Европската унија, но дека на европскиот пат ќе гради добри односи и со другите, додавајќи дека Србија е суверена држава и така ќе се однесува.
– Ќе бидеме на европски пат, но никому не му е јасно што ќе се случи во ЕУ, истакна Вучиќ, потсетувајќи дека на премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, за време на средбата во Нови Сад и пред седницата Советот на ЕУ им кажал што ќе се случи околу процесот на евроинтеграциите и дека треба да соработуваат без разлика што ќе се одлучи во Брисел.
Тој истакна дека ЕУ не може да очекува од Србија повеќе од рационален пристап кон евроинтеграциите и дека не е реално да се очекува „огромен ентузијазам и одушевеност кај српските граѓани”.
– На прашањето на новинарите како ја коментираат идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за стратешкото партнерство на земјите од регионот со ЕУ, наместо за полноправно членство и различната методологија на европскиот пат, претседателот Вучиќ рече дека крајна цел на Србија во евроинтеграциите е членство во ЕУ.
– Тоа што зборувате се шпекулации или како ќе се промени текстот на постојните документи на ЕУ, рече Вучиќ.
Верувам дека Макрон и посакува најдобро на Србија, дека ја сака Србија и убеден сум дека ќе даде се од себе за да го пронајде она што е најдобро за нашата земја, додаде Вучиќ.
Според него, постојат претпоставки дали по локалните избори во март во Франција ќе се сменат одредени документи на ЕУ и какви „дефиниции” ќе бидат донесени во врска со натамошно проширување, оценувајќи „дека никој во овој момент не може тоа да го каже”.
– Комисијата ќе треба да се формира и да одлучи дали повеќе ќе се прашува таа или земјите членки. Ми се чини дека сега повеќе се оди на суверенистичкиот пристап, земјите членки да донесуваат позначајни одлуки. об/
2019-10-29 19:55:50, од Оливер Бранковиќ, Србија