Заев-Конте: Реформите на методологијата за преговори и на иднината на ЕУ да течат паралелно со почетокот и текот на преговорите

Целосно сме согласни дека процесот на преговори треба да биде зајакнат, поефикасен, посуштински и да овозможува реверзибилност кога за тоа има потреба. Но исто така сме убедени дека процесот на реформи на методологијата за преговори и на иднината на ЕУ може и мора да течат паралелно со почетокот и текот на преговорите со Северна Македонија и со другите држави во регионот.

Ова го кажа премиерот Зоран Заев во Рим, на заедничката прес-конференција со италијанскиот премиер Џузепе Конте и изрази надеж дека дискусијата за новата методологија и за почеток на преговори со Северна Македонија до Самитот во Загреб следната година ќе се заокружи во интерес на сите.

– Најдобро за нас и најдобро за ЕУ е да има жив, активен процес кој ќе ни помогне во реформите кои и онака сме решени да ги правиме во наш интерес…Во овој момент, какви било алтернативни или експериментални идеи како евентуална замена за членството во ЕУ, може да бидат опасност за стабилноста и за напредокот на Западниот Балкан. Државите од Западен Балкан се опкружени од држави членки на ЕУ и ние сме внатре како остров во ЕУ, тие немаат друга подобра иднина освен членството и реинтеграција таму каде што припаѓаме – во Европската унија. Тоа го знаат и нашите граѓани кои во високи 85 проценти сакаат и очекуваат членство во ЕУ, истакна Заев.

Премиерот во своето обраќање,  кое го пренесува владината прес-служба, истакна дека оодлуката на Европскиот совет ги разочарала нашите граѓани, дека тоа  чувство го споделила и речиси целата Европска Унија и нејзините држави членки и оти многумина коментираа дека се случи историска грешка. Таа историска грешка, рече Заев, има време и начин да се исправи во наредниот период и ние сме подготвени заедно со партнерите од ЕУ да работиме на тоа.

Заев на прес-конференцијата му се заблагодари на својот домаќин – премиерот на Италија, Џузепе Конте,  за поканата за денешната средба која, како што рече, доаѓа во момент кога ни треба поддршка на нашиот евроатлантски пат.

-Тој тоа на дело го покажа на Европскиот совет на 17 и 18 октомври оваа година, а оваа средба докажува дека тој продолжува со искрените напори за донесување вистинска одлука во наредниот период за нашата земја. Ние тоа високо го цениме, а Италија и премиерот Конте ги сметаме за незаменливи партнери и пријатели на Република Северна Македонија и на целиот Западен Балкан, истакна Заев.

Тој посочи на добрите билатерални односи помеѓу двете земји и рече дека Италија е наш стратешки партнер, голем пријател, со која имаме одлична трговска размена.

-Како што кажа и премиерот Конте, во 2018 имавме 650 милиони евра трговска размена која е за 13 отсто поголема од 2017, додека само првото полугодие на 2019 е 373 милиони евра, значи оваа година ќе имаме над 700 милиони евра трговска размена помеѓу нашите две земји. Сакам да ја искористам приликата да упатам порака до италијанските деловни луѓе, да ја чувствуваат Северна Македонија како своја земја, да дојдат, да инвестираат, да најдат начин да ги прошират бизнисите, тоа ќе е добро за италијанскиот народ, но секако и за македонскиот народ, истакна Заев на прес-конференцијата со италијанскиот премиер Конте.

Владината прес-служба претходно соопшти дека италијанскиот премиер истакнал дека  Италија секогаш ќе биде покрај Северна Македонија и ја поддржува одлука за почеток на преговори.

– Сакам на вашиот народ да му кажам дека нема да дозволиме да се почувствува несигурен. Се работи за историска грешка која мора да ја исправиме, рече Конте.

Тој истакна дека Северна Македонија предводена од премиерот Заев е пример за сите балкански земји, како држава која со храброст ги решава отворените прашања, а притоа има голема поддршка од Италија.

– Благодарение на оваа храброст Северна Македонија ќе стане членка на НАТО. Затоа дозволивме земјата да се зачлени во НАТО. Затоа на Северна Македонија треба да и се дозволи да оди понатаму кон Европа. Тоа не значи веднаш влез во ЕУ, туку преку 35 поглавја во преговорите, рече италијанскиот премиер Конте.

Треба да знаете
Последни објави