Владата денеска на седница ја усвои информацијата за спроведената постапка за избор на најповолна понуда за воспоставување јавно приватно партнерство за формирање современа организација – платформа како ефикасен носител на хеликоптерскиот итен медицински систем во Република Северна Македонија (ХЕМС) и хеликоптерските услуги за пребарување и спасување.
Како што соопшти владината прес-служба, на седницата е прифатена Предлог-одлуката за избор на приватен партнер за оваа дејност со САРХЕМС ДООЕЛ Скопје, компанија која ги задоволила условите на јавниот повик.
Најдоцна за шест месеци по потпишување на договорот за јавно-приватно партнерство, компанијата ќе стави на располагање два хеликоптера опремени за давање медицински услуги за прва помош и за пребарување и спасување бесплатно за граѓаните на Северна Македонија, кои најмногу за 15 минути треба да бидат на местото каде што треба да биде извршена интервенцијата.
– Договорот за ЈПП на приватниот партнер му овозможува да си ги наплати услугите согласно неговиот бизнис-модел, а за цело време на траење на договорот има обврска да плаќа надомест за стекнатото партнерство за извршувањена оваа дејност во висина од 10.000 евра, во денарска противвредност во Буџетот на Република Северна Македонија. Двата хеликоптера, хелиодромите и другата опрема за извршување на оваа дејност, согласно договорот за ЈПП, по истекот на договорот во рок од осум години остануваат во сопственост на Република Северна Македонија, соопшти прес-службата на Владата.