Македонски државјанин со швајцарски пасош обвинет за регрутирање борци на ИД

Швајцарското Јавно обвинителство покрена обвиненија против две лица, од кои едниот државјанин на Швајцарија и Северна Македонија, под сомнеж за регрутирање борци во редовите на џихадистичката група Исламска држава (ИД).

Јавното обвинителство на Швајцарија соопшти дека двајцата осомничени се товарат за „поддршка и членство” во ИД, вклучително и за ширење на пропаганда на џихадистичката група. Осомничените, чии имиња не се соопштени во интерес на истрагата, живееле во северозападниот дел на Швајцарија.

Државјанинот на Швајцарија и Северна Македонија бил приведен кога се обидел да отпатува за Сирија, преку територијата на земјава. Тој е осомничен дека регрутирал еден борец на ИД.

Другиот осомничен, со двојно, швајцарско и италијанско, државјанство, се товари дека престојувал на териториите под контрола на ИД во Сирија, по што се вратил во Швајцарија, каде регрутирал неколку лица да се борат во редовите на џихадистичката група.

Истрагата против државјанинот на Швајцарија и Италија започнала во февруари 2015 година, по што подоцна таа е проширена и на вториот осомничен.

Треба да знаете
Последни објави