Манчевски: Очекуваме зголемена побарувачка на експерти за сајбер-безбедност во компаниите

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска и утре учествува на Европскиот форум за сајбер-безбедност во Полска, каде имаше свое обраќање на панел сесијата: „Развој на сајбер-безбедноста: Рушење на глобалните препреки во сајбер-безбедноста“.

На прашањето посветено на дигиталната трансформација и можностите кои ги нуди дигиталната револуција, особено за бизнис секторот и кои се следните чекори што Северна Македонија ќе ги преземе за развој на сајбер-безбедност, министерот Манчевски се осврна на мерките преземени изминатите две години.

„Како влада, нашиот прв чекор е да создадеме предвидлива, стабилна правна околина за дигитализација, креирана со постојан дијалог со бизнис-секторот. Електронскиот идентитет е клучен овозможувач на дигитализацијата на владините услуги. Усвојување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, целосно во согласност со Регулативата eIDAS, обезбедува основа за работење на единствениот дигитален пазар и услови за усогласување на средствата за електронска идентификација. Ова ќе овозможи развој на пазарот на доверливи услуги, како и зголемување на довербата во електронските услуги. Со законот за електронски услуги и електронско управување се регулира работата на органите на државната администрација во однос на размената на електронските податоци и документи и на имплементацијата на електронските услуги, кога тоа е предвидено со закон. Вториот чекор е промена на постојниот пејзаж, креирање и култивирање дигитална култура”, истакна министерот Манчевски.

Министерството за информатичко општество и администрација ги доближува електронските услуги до граѓаните, преку обезбедување унифицирана платформа за заедничка автентикација, плаќања и доставување услуги за сите владини услуги, а тоа е Националниот портал за е-услуги.

„За справување со сајбер-заканите кои се постојано во подем, секоја земја мора да ги насочи силите на пазарот преку мотивирање на приватниот сектор да направи динамична и континуираната инвестиција потребна за обезбедување разновидни мрежи на компаниите. Преку воведување регулатива и политики за заштита на Критичната информациска инфраструктура, ќе ги обврземе операторите на ваквите инфраструктури, кои најчесто работат во приватниот сектор, да спроведат сет мерки за информатичка безбедност, со цел да ги заштитат нивните системи и мрежи. Во секој случај, очекуваме побарувачката за експерти за сајбер-безбедност во овие компании да се зголеми во следните неколку години, имајќи ги предвид глобалните трендови. Со ова, пак, ќе се креира побарувачка на образование за сајбер-безбедност на сите нивоа, не само во академска смисла, туку и преку обуки и сертифицирања за сајбер-безбедност. Затоа, зголемувањето на нивото на темата сајбер-безбедност во образованието, без оглед на тоа дали е формално или неформално, треба да е во фокусот на секоја влада која има за цел да ја развие индустријата на сајбер-безбедност“, потенцираше министерот Манчевски.

Како што истакна тој, во рамки на сесијата, сајбер-криминалот е глобален проблем и ниту една земја не е неранлива во тој поглед. Прекуграничниот криминал и отсуството на соработка се егзистенцијален предизвик. Во суштина, сајбер-криминалот зазема меѓународна димензија од два очигледни аспекти. Прво, сајбер-криминалот генериран во рамки на одредена држава неретко има сериозно влијание врз други земји и второ, сега е очигледно дека предизвикот со сајбер-криминалот не може да се реши ако државите дејствуваат самостојно. Исто како и загадувањето, една од најголемите закани за животната средина која нема граници, сајбер-криминалот не е ограничен со таканаречените географски граници. Софистицираноста и комплексноста со која се врши сајбер-криминалот е предизвик за сите службеници кои се задолжени за спроведување на законот. Поради тоа, мора да соработуваме на регионално и на меѓународно ниво за да се контролира прекуграничниот криминал. Во таа насока, соработката на светско ниво веќе не е избор, туку неопходност.

Покрај министерот Манчевски, на панел сесијата се обратија и Јадвига Емилевич, министерка за претприемништво и технологија на Република Полска, Кристофер Пејнтер, комесар во Глобална комисија за стабилност на сајбер-просторот и поранешен координатор за прашања од сајбер-областа во Стејт-департментот на САД и Мајкл Бем, извршен директор на Главната канцеларија за информациска безбедност, Група за контрола на ризикот, УБС.

Треба да знаете
Последни објави