МТСП: Неколкукратно зголемен буџетот за превенција и заштита од семејно насилство

Имплементацијата на постојниот Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, беше тема на дискусија на јавна расправа што денеска се одржа на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Собранието на Република Северна Македонија.

Претставничката од Министерството за труд и социјална политика Софија Спасовска во своето поздравно обраќање истакна дека Министерството за труд и социјална политика направи повеќе чекори со кои се подобрува положбата на жените во општеството. За таа цел неколкукратно се зголемени и средствата во Буџетот наменети за давателите на услуги. За 2019 година се предвидени 6,4 милиони денари, а во 2017 година биле предвидени само 1 милион денари.

„Во 2018 година Северна Македонија ја ратификуваше Истанбулската конвенција, по што го усвои Акцискиот план за нејзино спроведување за период до 2023 година. Тука се предвидени конкретни активности, а посебен фокус во имплементацијата на акцискиот план е во националната легислатива и развивање на специјализирани сервиси за жртви на родово базирано насилство. За да ја имплементираме Конвенцијата истовремено развиваме и услуги. Имаме кризен центар во Скопје со престој 24/48 часа, СОС линија, 5 специјализирани сервиси за жртви на семејно насилство, а годинава согласно акцискиот план се воспоставени 8 сервиси во планските региони. До крајот на годината е предвидено на отворање на уште два сервиса. До крајот на годината предвидено е отворање на специјализирани сервиси во сите плански региони на територијата на државата. Досега се воспоставени 8 сервиси, а до крајот на 2019 ќе бидат отворени уште два“, рече Спасовска.

Спасовска потенцираше дека во тек е изработка на нов Закон со кој ќе бидат опфатени сите форми на насилство врз жената и дека за истиот наскоро ќе бидат отворени јавни дебати.

Покрај претставничката од Министерството за труд и социјална политика на јавната расправа воведно обраќање имаше и претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите Даниела Рангелова, Росана Дуџак, постојана координаторка на ОН во Република Северна Македонија и претставник од Министерството за внатрешни работи.

Треба да знаете
Последни објави