Покрај досегашните исклучувања, речиси 1.5 милиони луѓе во Калифорнија од денеска се без електрична енергија, зошто компаниите се обидуваат да спречат оштетување на каблите поради пожарите во регионот, пренесуваат американските медиуми.
„Пацифик гас“ и „Електрик“ веќе се соочија со истрага од регулаторите откако ги прекинаа доставувањето на енергија до 970.000 домаќинства и деловни објекти.
Како што е соопштено, нови 650.000 домови се без струја како мерка за претпазливост поради силните ветрови. Пожарите потпомогнати од силниот ветер, беснеат во два дела од државата.
Илјадници жители во близина на богатиот регион на Брентвуд во Лос Анџелес се евакуирани. Славни личности како и актерот и политичар Арнолд Шварценегер и НБА кошаркарот, Леброн Џејмс се меѓу луѓето кои беа итно евакуирани.
На северот во Сонома Каунти, друг голем пожар принуди 180.000 луѓе да ги напуштат своите домови. Гувернерот на Калифорнија прогласи вонредна состојба.
Вчера регулаторите прогласија официјална истрага за тоа дали енергетски претпријатија ги прекршиле правилата со превентивното исклучување на струјата на околу 2,5 милиони луѓе, бидејќи ризиците од пожар се зголемија.
Аналитичарите велат дека овие две компании се одговорни за најголемиот дел од „исклучувањето на електричната енергија за јавна безбедност“.