„Фершпед“ ја продава винаријата „Сковин“ за 3,35 милиони евра

Одборот на директори на „Фершпед” АД Скопје донел одлука за продажба на винаријата „Сковин” АД Скопје каде е сопственик на мнозински дел од акциите.

Компанијата преку Македонската берза соопшти дека се предвидува продажба на недвижниот и подвижниот имот на винаријата, пренос на трговските марки, како и засновање на заложно право (хипотека) врз недвижностите кои се предмет на продажба.

Вредноста на зделката изнесува 3.350.000 евра.

Како купувач на имотот се јавува „Винарија Сковин група“, а на трговските марки SIAK PTE. LTD Singapore.

„Сковин“ соопшти дека матичното друштво (Фершпед) одлучило да не се продолжи со финансиска поддршка неопходна да се обезбеди континуитет во работењето на винаријата поради постоење на значаен износ на ненаплатени побарувања по неколку основи.

„Одборот на директори заклучи дека понатамошното работење на друштвото ќе продуцира дополнителни загуби кои го ставаат друштвото во позиција на негативно работење и неможност да се измируваат обврските спрема доверителите. Во интерес на друштвото односно на акционерите е да се изврши купопродажба на целокупниот имот на друштвото со што би се обезбедиле средства за покривање на обврските спрема доверителите“, соопштија од „Сковин“.

Од тие причини Одборот на директори извршил процена на вредноста на имотот и истата ја определил на износ од 3.350.000 евра без ДДВ.

„По добивање на понудата од „Винарија Сковин група“ во однос на купопродажба на подвижен и недвижен имот во висина на определениот и проценетиот износ, како и понудата од SIAK PTE. LTD Singapore во однос на преносот на трговските марки, Одборот на директори заклучи истите да се прифатат и донесе предлог Одлука за купопродажба и пренос која ја доставува на Собранието на акционери заради усвојување, и со препорака истата да ја прифати“, информираат од компанијата.

Акционерското собрание на „Фершпед“ е закажано за 27 ноември.

„Сковин “ во последните три години (од 2016 до 2018 година) бележи пад на приходите од дејноста од 4 милиони евра на 3 милиони евра. Лани компанијата завршила со загуба од речиси 2 милиони евра. На крај на 2018 година компанијата има вкупни обврски кои надминуваат 10 милиони евра и главнина од 2,3 милиони евра.

Треба да знаете
Последни објави