Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција и понатаму ќе се бори против сите терористички организации, вклучувајќи ги и ДЕАШ И ЈПГ/ПКК. Чавушоглу рече дека запирањето на операцијата „Извор на мирот“ не значи дека турските сили се повлекуваат од теренот.
„Ние сме на теренот и нема повлекување. Ќе ги исчистиме сите терористички елементи кои нема да се повлечат во зададениот рок“, рече Чавушоглу, пренесе агенцијата „Анадолија“.
Тој исто така кажа дека постојат одредени сознанија дека терористите на ЈПГ/ПКК за пари ги ослободиле терористите на ДЕАШ од затворите на северот на Сирија и тоа сѐ под плаштот на негодување поради антитерористичката операција која турските сили ја започнаа на 9 октомври.
„Сите тие гласини ги следиме и ги проверуваме. Всушност, од терористичка организација каква што е ЈПГ/ПКК, ништо поинакво и не може ниту да се очекува“, порача турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
На прашањето да ја прокоментира американската операција во која е неутрализиран водачот на ДЕАШ, Ал Багдади, Чавушоглу рече дека Турција како сојузник ги споделила информациите што ги имала.
„Американскиот претседател Доналд Трамп го изјави тоа, а нашето Министерство за одбрана претходно соопшти дека соработката била таква. Трамп затоа ѝ се заблагодари на Турција“, рече Чавушоглу.