Премиерот, Зоран Заев, изјави денеска дека очекува наскоро истрагата за бегството на осудениот Игор Спасов да го пронајде поранешниот полициски специјалец осуден за убиството на Мартин Нешковски. Штипскиот суд во меѓувреме распиша национална потерница за Спасов, кој по привремениот отпуст поради лекување не се врати во затвор каде издржува 14-годишна затворска казна.
-Очекувам истрагата да покаже каде е човекот. Прочитав од медиумите за бегството, институциите постапуваат според законот. Било кој човек кој издржува казна има право на викенд. Постапено е согласно сите процедури и очекувам МВР да утврди каде е. Верувам дека истрагата ќе дознае бргу што се случува – уверуваше премиерот.
Во меѓувреме се појавија информации дека наводно Спасов пребегал за Турција.
Во врска со неговото патување денеска за Рим, каде треба да се сретне со италијанскиот премиер, Заев рече дека очекува да добие повеќе детали за идните планови на Европската унија за проширувањето.