Со текот на годините, големи истражувања и развоjни решенија за справување со ракот добија интензитет. Освен откривањето на карциномот во раните фази, потребно е да се стави поголем акцент на понови, понапредни и иновативни пристапи за третман, особено затоа што конвенционалните терапии како што се хемотерапија, зрачење и инвазивна хирургија имаат тенденција да му наштетат на соседното здраво ткиво или да резултираат со непријатни и несакани ефекти. Биолошката терапија e решение што нуди поголеми и подобрени пристапи за третмани со долгорочен ефект, што влијаат врз закрепнувањето и животот на многу пациенти.
Иако употребата на биолошка терапија за денешни услови е релативно нов и иновативен пристап во третманот на карциномот, сепак концептот е откриен кон крајот на 18-тиот век благодарение на Едвард Џенер кој ја пронашол првата вакцина против вариола сипаниците. Оттогаш, методот за употреба на биолошките терапии станува се повеќе рафиниран и подобро разбран, користејќи биолошки материјали како што се бактерии, вируси, антитела и делови на генетски материјал (РНК или ДНК).
Денес, употребата на биолошката терапија има големо влијание и се применува во третманот на карцином и на разни автоимуни заболувања како ревматоиден артритис, мултипла склероза, Кронова болест и други, покажувајќи голема ефикасност споредено со вообичаените терапии. Биолошката терапија претставува употреба на сложени протеински молекули произведени во живи организми.
Биолошка терапија кај карцином
Брзиот развој на науката овозможи зголеменото разбирање механизмите за настанување и ширење на ракот, од што произлегоа значајни медицински откритија кои придонесоа во унапредување на третманот, ја зголемија можноста за излекување и квалитетно продолжување на животот на пациентите. Биолошката иновативна терапија во основа има за цел да делува насочено и директно против ракот, штитејќи го околното здраво ткиво или пак го зајакнува имунитетот на самиот организмот со што го уништува туморот и го контролира неговото ширење.
–Заради целното дејство, оваа терапија има помалку несакани ефекти во споредба со другите постари онколошки третмани. Биолошките лекови може да делуваат преку повеќе различни механизми. Некои од нив може да ги стопираат или контролираат процесите кои овозможуваат раст на канцерот, а други ги обележуваат туморските клетки правејќи ги препознатливи за имуниот систем кој потоа ги уништува. Некои пак ја зголемуваат моќноста на имуниот систем сам да се бори против ракот или пак го спречуваат создавањето на крвни садови во туморот што го оневозможува понатамошното негово растење. Освен тоа, некои лекови може да ја олеснат испораката на хемотерапевтици директно до туморските клетки, штитејќи го здравото ткиво. Разновидноста на тековните биолошки третмани ги става во првите редови кога станува збор за третман на карцином, го подобрува квалитетот на животот на многу пациенти и придонесува за помалку компликации.