Париски „Ле Фигаро” дошол до бројки што им биле посочени на градоначалниците на париските арондисмани за кривичните дела и прекршоци направени во француската престолнина, што, смета весникот, откриваат хаос, јавува дописникот на МИА.
Намерните напади и повреди на физичкиот интегритет се зголемени за девет отсто во интрамуралниот Париз (без предградијата), или со конкретни бројки-повеќе од 35.000 напади од почетокот на годината.
Префектот на полицијата во Париз, Дидиер Лалемен, избра да ја игра картата за транспарентност. Тој на градоначалниците во арондисманите им ја кажал бројката на кривичните дела и прекршоци, но и главните проценки и поуки за секојдневната работа на полицијата. Станува збор за проценка направена од 20 досиеја што „Ле Фигаро” ги видел и анализирал, за да може да обезбеди солиден преглед на полициската активност, нивото на непочитување на законот и несигурноста, општина по општина.
Четвртиот арондисенман, Маре, и седиштето на градската општина на Париз во овој поглед се најзагрижувачки, бидејќи злонамерното насилство за девет месеци е зголемено за повеќе од 70 отсто, од 285 на 487 дела. Насилството во Првиот арондисман, меѓу Тујлиерите, Лувр и Бебург, истовремено се искачува за повеќе од 40 отсто, со пријавени речиси 1.000 прекршоци. Само четири арондисмани во главниот град (Петиотот, Осмиот, 13-от и 15-от) забележаа намалување на нападите, иако тоа е поприлично срамежливо, од 0,2 до четири отсто, во зависност од териториите.
Нападите врз имотот се зголемија за повеќе од 13 отсто во Париз, од 159.000 на повеќе од 180.000, во просек за повеќе од 650 прекршоци дневно!
Од друга страна, провалните кражби во главните резиденции се зголемија за 7,2 отсто. Со огромни диспаритети: 21 отсто пораст во богатиот 16-ти арондисман, 35,3 отсто во Осмиот, 42,5 отсто во 12-от и дури 47,1 отсто во 18-от.