Движењето Самоопределување (ВВ) се обрати денеска до Врховниот суд на Косово со барање да ја преиспита одлуката на Изборниот панел за поплаки и претставки (ПЗАП) за поништување на гласовите од дијаспората кои пристигнаа по пошта до Централаната изборна комисија (ЦИК) по завршувањето на гласањето за парламентарните избори од 6 октомври.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, ВВ тврди дека спорните 4.639 коверти со гласови од дијаспората, за кои ПЗАП одлучи дека не треба да се пребројат, се испратени во предвидениот законски рок и не треба да се отфрлат затоа што стасале во ЦИК со задоцнување.
– Очекуваме во што побрз рок Врховниот суд да донесе одлука, со што ќе им овозможи остварување на правото на избор и броење на гласачките ливчиња на нашите граѓани кои живеат надвор од Косово, изјави претставничката на ВВ во ЦИК, Назлие Баља.
Без овие гласови на дијаспората, за која се верува дека главно ја поддржува партијата на Албин Курти, ВВ ќе има 28 пратеници, еден повеќе од второпласираниот Демократски сојуз на Косово (ЛДК).
Калкулациите се дека, доколку се уважат овие гласови, вон Парламентот ќе остане коалицијата на двете досега владејачки партии, Социјалдемократската иницијатива (Нисма) и Алијансата ново Косово (АКР), кои актуелно имаат само 0,017 отсто над прагот од пет отсто за обезбедување пратенички места. Во тој случај, без шесте пратеници колку што би освоиле Нисма и АКР со 5,017 отсто од гласовите, ВВ и ЛДК заедно би имале парламентарно мнозинство од 61 пратеник, односно ВВ би имала 31, а ЛДК 30 места во новото косовско Собрание, што би им овозможило да формираат влада без условувања од други субјекти.