Џафери оствари средба со делегација од Стопанската комора на Македонија – Турција
Претседателот на Собранието Талат Џафери и пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Турција, во состав Енес Ибрахим, Амди Бајрам, Јусуф Хасани, Теута Биљали и Драган Цуклев, денеска остварија средба со делегација од Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО), предводена од претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски, во состав Есер Џевахир, Имер Селмани и Турхан Адеми и извршниот директор Шахпаз Молалиев.
На средбата, како што информираат од собраниската прес-служба, биле разменети мислења и предлози за подобрување на бизнисот и унапредување на економскиот развој на Република Македонија, при што било оценето дека интензивните и пријателски билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција отвораат простор за уште поинтензивна економска соработка меѓу двете земји.
Претседателот на Собранието Џафери, се вели во соопштението, на средбата изразил задоволство од воспоставувањето на комуникација и институционална соработка меѓу Собранието и МАТТО, истакнувајќи го значајниот придонес на трговската размена меѓу двете земји, ккао и на турските инвестиции во земјава кон економските текови и буџетот на државата. Истовремено, тој го подвлекол значењето на соработката на МАТТО со сите стопански комори во земјава.
Нагласувајќи дека во изминатиот период главниот придонес на економската соработка беше фокусиран во Скопје и во југоисточниот дел од земјата, тој се заложи за зголемување на соработка и инвестициите во западниот и југозападниот дел од Република Македонија. Претседателот на Собранието истакна дека меѓу пратениците од власта и опозицијата не постои разлика во врска со економските прашања, односно постои консензус за потребата за унапредување на економскиот развој и соработка.
Претседателот на МАТТО Ајдован Адемоски, се вели во соопштението, изразил задоволство што законодавниот дом е отворен кон бизнис-заедницата и информираше дека во МАТТО членуваат околу 100 еминентни компании од земјава и инвеститори од Република Турција, кои вработуваат речиси 10.000 граѓани на Република Македонија. Тој посочи дека турските инвестиции во земјава изнесуваат две милијарди УСД, а вкупната трговска размена меѓу Македонија и Турција повеќе од 521 милиони УСД, со заложба истата да се зголеми до една милијарда УСД.
Претставниците на МАТТО се заложиле за понатамошна либерализација на Договорот за слободна трговија меѓу Македонија и Турција, со што во голема мера ќе се зголеми обемот на трговска размена и ќе се унапреди влезот на домашните компании на турскиот пазар.
На средбата било истакнато дека МАТТО спроведува активности во доменот на општествената одговорност, како што се стипендии за средношколци и студенти, при што Република Македонија би можела да стане „оаза на образованието“, доколку се олесни влезот на идните странски студенти.
На крајот од средбата, претседателот Џафери истакнал дека Собранието останува отворено за соработка со бизнис-секторот и ги повика претставниците на МАТТО да се обратат до пратениците за сите отворени прашања, бидејќи преку институтот „пратенички прашања“ може да се даде јавност на нивните деловни активности и да се поттикне Владата да ги адресира сите предизвици.