Бразилскиот екстремно десничарски претседател Жаир Болсонеро жестоко ја критикуваше телевизијата Глобо бидејќи во еден нејзин извештај било споменато неговото има во рамки на истрагата за убиство на градската советничка на Рио де Жанеиро, Мариел Франко.
„Ти, ТВ Глобо, постојано од животот ми правиш пекол, бестрага! Сега ме поврзувате со смртта на Мариел. Злостроници! Никаквеци! Тоа нема да мине, немав никаква причина да убијам било кого во Рио де Жанеиро”, изјави Болсонеро во емисија на Твитер.
Снимката, долга околу 24 минути, беше емитувана од Саудиска Арабија, последната станица на турнејата на бразилскиот претседател по Азија и Блискиот исток.
ТВ Глобо, врз основа на податоци протечени од истрагата, пренесе дека осомничениот за убиството на Мариел Франко неколку часа пред атентатот бил во зградата во Рио во која живеел Болсанеро, во тоа време пратеник и кандидат за претседател на државата.
Извештајот се темелел на изјава на рецепционерот на зградата.
Мариел Франко беше убиена на 14 март 2018 година, кога нејзиниот автомобил беше изрешетан во центарот на градот. Притоа настрада и нејзинот возач Андерсон Гомеш.
Франко, црнкиња родена во фавела, го осудуваше расизмот, хомофобијата, полициското насилство и паравоените формации, кои сеат страв во некои густо населени квартови на Рио.
Речиси една година по атентатот, во март годинава, уапсени беа осомничениот убиец и возачот на автомобилот од кој било пукано.
Полицијата меѓутоа, се уште не го идентификувала нарачателот на убиството. Кога осомничените беа уапсени беше кажано дека „неспорно е дека Мариел Франко е жртва на погубување заради своето делување”.