По информациите кои се појавија во некои медиуми дека рускиот постојан претставник во Европската унија Владимир Чижов ги поканил Северна Македонија и Албанија да се приклучат во Евроазиската економска унија (ЕЕУ), од македонската влада соопштија дека досега не добиле покана за пристапување во оваа асоцијација.
-Веројатно има некоја одбранбена мембрана, ѕид околу Владата, па тешко да стигне таква покана. Затоа што ни на памет не ни паѓа таква работа. Не, нема таква покана и се надевам дека нема ни да стигне, изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање дали по не добивањето датум за старт на прегооврите за членство со ЕУ, земјава добила покана за пристапување кон ЕАЕУ.
Од македонската влада нагласуваат дека стратегиски интереси на државата се членството во ЕУ и НАТО и дека цврсто остануваат на определбата за исполнување на овие цели. Како што пренесуваат медиумите Чижов, поканата ја упатил во петокот, за време на Евроазискиот економски форум во Верона, Италија.
Албанија и Северна Македонија ќе наидат на разбирање побрзо во ЕЕУ отколку во ЕУ, рекол рускиот дипломат, забележувајќи дека двете земји сега се ставени “под мраз” од Брисел. Ваквата информација се актуелизира откако Скопје и Тирана не добија датум за почеток на преговорите за зачленување во Европската унија поради француското несогласување со проширувањето.