Значајни авторки ќе зборуваат за „Моето место” на Пичприч во Велес

Македонската режисерка Теона Стругар Митевска, која неодамна постигна извонреден меѓународен успех со „Господ постои, името ѝ е Петрунија” е една од говорничките на вечерашниот Пичприч во Велес, кој ќе се одржи во театарот Јордан Хаџи-Константинов – Џинот.

Ќе ѝ се придружат хуманитарката Ленче Здравкин, активистката Далиборка Златева, поетесата Даница Ивановска Лепојевиќ, писателката Калина Малеска и диџејката Теа Шалдева.

– Пичприч овој пат се одржува во Велес, поранешен Титов Велес, град во централниот дел на земјата кој последнава деценија во јавноста беше главно познат по скандалите со Топилницата, Франкфурт мафија, и најсвежо – изворот на лажните вести што наводно го доведоа контроверзниот Трамп на власт во САД”, велат организаторките во официјалното соопштение.

Темата на вечерта е „Моето место”, што алудира и на трауматичното минато на овој град и нѐ прашува каде е местото на жената во општества како нашето.

Пичприч е низа феминистички раскажувачки настани чија цел е да ја продолжат женската усна историја и да ги промовираат и нормализираат женските искуства.

Иницијативата е на Румена Бужаровска и Ана Василева, кои ги организираат настаните во соработка со Тиииит.инк и со поддршка од шведската фондација Квина тил квина.

Треба да знаете
Последни објави