Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ денеска изјави дека за евентуално паѓање на Владата на Андреј Пленковиќ не сака ни да размислува, бидејќи станува збор за хипотетичко прашање.
– Не учествувам во тие преговори, но верувам дека сите размислуваат дека стабилноста на Владата е важна не само во контекст на претседавањето на Хрватска со Европската унија, туку и за продолжување на позитивните макроекономски трендови, посочи таа.
Изјавата на хрватската претседателка доаѓа откако се почесто во јавноста се спомнува можноста од предвремени избори, откако коалицискиот партнер на ХДЗ – Хрватската народна партија (ХНС) му порача на премиерот Андреј Пленковиќ дека ќе ја напуштат коалицијата доколку не се најдат финансиски средства за поголеми плати на вработените во училиштата.