Јури Ким, пред Комисијата за надворешна политика на американскиот Сенат, ги презентрала приоритетите за својата идна работа во Албанија, доколку биде назначена за нов амбасадор во оваа земја.
Пред сенаторите, Јури Ким се фокусирала на три клучни точки во однос на нејзините цели како амбасадор во Тирана.
Прво, рекла Ким,ќе ја охрабри Албанија да продолжи со стабилниот курс за да го постигне нивото до 2014 година два отсто од буџетот да оди за одбраната, така што Албанија ќе стане уште помоќна и поспособна како сојузник.
Втор приоритет ќе и биде решавање на политичката криза во Албанија.
-Ќе продолжам да го унапредувам демократскиот развој на Албанија. Со непосредни термини, јас ќе ги повикам лидерите на Албанија да го решат сегашниот политички ќор-сокак на начин што ќе го зајакне барањето на Албанија за пристапување во ЕУ, изјавила Ким, пренесува тиранската телевизија Топ чанел.
Трет нејзин приоритет ќе биде промовирање на американскиот извоз и инвестиции во Албанија, со цел да се обезбедат можности за американските и албанските граѓани, како и создавање работни места во двете држави.
Инаку, американскиот претседател Доналд Трамп ја номинираше дипломатката од кариера Ким за вонреден и ополномоштен амбасадор на САД во Албанија на крајот од јуни годинава.
Ким, која има азиско-американско потекло од Гуам, е член во високата служба за наворешна политика, а работела во Стејт департментот како директор на Канцеларијата за прашања за Јужна Европа. Претходно била директор во Стејт департментот за студии за дипломатија, шеф на кабинетот на заменик државниот секретар и директор на Канцеларијата за европска безбедност и политичко-воени работи.
Таа, исто така, била специјален асистент на помошникот државен секретар за Источна Азија и Пацификот и член на делегацијата на САД во шестпартиските разговори за ставање крај на нуклеарната програма на Северна Кореја.
Била политички советник во американската амбасада во Багдад и Анкара. Зборува кинески, јапонски, корејски и турски. Амбасадорите ги номинира претседателот, а ги потврдува Сенатот на САД.
Американската амбасада во Тирана од август минатата година е без амбасадор, откако си замина амбасадор Доналд Лу.