Шефовите на дипломатиите на Иран, Русија и Турција во Женева ја осудија одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, да задржи засилено воено присуство близу нафтените полиња во североисточна Сирија. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров вели дека каква било експлоатација на природни ресурси на една суверена држава е незаконска.
Изјавите на Трамп дека „Ексон Мобил“ или некоја друга американска нафтена компанија би можеле да работат на сириските нафтени полиња, наидоа на критики од Москва и Техеран, но и од експерти за право и енергетика.
Шефот на Пентагон, таквите подрачја ги нарече стратешки области, кои американските трупи ќе ги чуваат со целосна воена опрема.
„Изгледа САД остануваат да ја штитат нафтата. Барем Трамп чесно рече што планираат Американците да направат. Иран и Русија се во Сирија на повик на владата во Дамаск и ќе останат таму се додека Сиријците го сакаат тоа“ вели шефот на иранската дипломатија, Мухамед Џавад Зариф.
„Тоа е незаконски, тие активности се нелегални, а во САД во тек е дискусија меѓу експерти за најновите потези на Вашингтон, кои ја цитираат одлуката на меѓународните судови за слични ситуации“ истакна Лавров.
Според Лавров, каква било илегална експлоатација на природни ресурси на некоја суверена држава без нејзино одобрување, може да биде само незаконска.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу порача дека ставот на Анкара е ист и дека сириските национални извори им припаѓаат само на Сиријците.
Пентагон сепак предупреди дека на секој обид за одземање на нафтените полиња од силите кои имаат американска поддршка, ќе одговорат со силна употреба на сила, било да е противник на Исламска држава или сили под заштита на Русија и Сирија.