Работа во мртовечница и во болниците во иднина ќе биде казна за возачите кои полицијата ќе ги фати пијани во Молдавија.
Земјата воведе нова програма за сузбивање на возењето под дејство на алкохол, а возачите што полицијата ќе ги фати пијани ќе мораат да влезат во програмата за да не ја загубат возачката дозвола.
Програмата трае три месеци и се состои од 12 состаноци за време на кои што лицето кое направило сообраќаен прекршок помага во болничките установи при лечење на пациенти повредени во сообраќајни несреќи, а предвидена е и работа во мртовечница.
Првиот дел од програмите почна неодамна во мртовечница во градот Кишињев, каде учествуваа шест мажи осудени за возење под влијание на алкохол. Тие помагаа при испитување на лешевите и учествуваа во обдукциите допирајќи ги внатрешните органи.
„Ова искуство ме поттикна никогаш повеќе да не седнам пијан зад воланот, ова беше добра лекција. Мислам дека смрдеата од распаднатото човечко месо засекогаш ќе ја чувствувам“, изјави еден од учесниците во програмата.