Турција планира да врати два милиони бегалци на северот на Сирија

Турција планира да врати најмалку два милиони бегалци во северниот дел на Сирија, каде што Анкара ја спроведе операцијата „Извор на мирот“, рече турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу по разговорите во форматот Астана со рускиот и иранскиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров и Џавад Зариф, пренесува ТАСС.

„Наша цел е враќање на бегалците и тоа треба да биде безбедно, да се спроведе во согласност со меѓународното право, како и во координација со агенциите на ОН. Сметаме дека два милиони бегалци може да се вратат на територии ослободени од терористите“, рече Чавушоглу.

Тој го нарече формирањето на сирискиот Уставен комитет голем и храбар чекор напред во процесот на политичко решавање на сириската криза.

Министрите за надворешни работи на Русија, Турција и Иран одржаа разговори во форматот Астана во Женева. Тие разговараа за ситуацијата во Сирија и формирањето на сирискиот Уставен комитет којшто денеска ќе ја одржи својата прва седница.

Треба да знаете
Последни објави