Пожари на девет локации во земјава се активни, а дел се гаснат со „ер-тракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување, изјави за 24 Инфо директорот на ДЗС, Аднан Џафероски.
Според него, причина за пожарите во 100 отсто од случаите е човечки фактор.
-До овој момент до Дирекцијата се стигнати повеќе барања за активирање на воздухопловите за помош од воздух за гаснење на пожарите. Активни пожари има на Попова Шапка и на Бистра, кај Крива Паланка, Македонски Брод, Чашка, Кавадарци, Крушево, Прилеп, Гевгелија на граничниот појас со Грција. Со оглед на временскиот период од годината и сувта вегетација опасноста од пожари е поголема. Пожарите кои се активни во моментов се од несовесно однесување, односно намерно палење на шумски предели и пасишта и 100 отсто причината е човечки фактор,вели Џафероски.
Според него, проблемот е во повеќегодишното занемарување на противпожарната заштита, неедуцираноста на населението, но и недоволната соработка меѓу институциите.
– ДЗС во последниов период тргна со активна кампања која траеше од 15 јули до 15 август за едукацијата на наслението за заштита од пожари на отворен простор и продолжуваме со вакви ативности. Повеќегодишното уништвување на противпожарната заштита на целата територија на нашата земја и невложувањето во професионален кадар и материјално технички средства ја отежнува соработката со локалната самоуправа и противпожарните тимови кои треба да се први на терен во случај на пожар. Во последниве две години ДЗС организира повеќе вежби и активности за координирано дејствување на сите релевантни институции во справување со поарите и останатите катастрофи, но сепак надостигот на професионалци и опрема останува главен проблем со кој се соочуваме, вели Џафероски.
Тој апелира, како што тоа ДЗС во повеќе наврати го прави за совесно однесување при движење во шумски предели и пријавување на сомнителни активности.
Граѓани доставија снимка до Канал 5 на која се гледа како непознати луѓе подметнуваат еден од пожарите во Националниот парк Маврово. Според очевидци, потпалувачите слободно го напуштиле местото, а пожарите се ширеле низ Националниот парк.
Полицијата во соработка со обвинителството, велат се работи на откривање на случаите на намерно предизвикување на пожар, но и апелираат земјоделците да се воздржат од палење на стрништа.