Ерменија денес го поздрави усвојувањето на резолуцијата во Претставничкиот дом на САД со која се признава масакрот на Ерменците пред сто години како геноцид.
„Го поздравувам историскиот глас на американскиот Конгрес кој го призна геноцидот над Ерменците. Резолуцијата 296 е храбар чекор кон вистината и историската правда“, напиша ерменскиот премиер Никол Пашињан на Твитер.
Претставничкиот дом донесе резолуција со 405 гласови „за“ и 11 „против“, во која се проценува дека убиството на 1,5 милиони Ерменци од 1915 до 1923 година во тогашната Отоманска Империја е геноцид.
Турција веднаш ја осуди резолуцијата за геноцид врз Ерменците, како и резолуцијата за воведување санкции за Анкара поради воената операција во Сирија, донесена од Претставничкиот дом на истата седница.
Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека резолуцијата за геноцид нема никаква историска или правна основа.