Кабелската мрежа HBO во вторникот објави дека нарачала изработка на нова серија од универзумот на „Игра на тронови“ чие дејство би се случувало пред настаните кои беа раскажани во вкупно осум сезони. Според првичните најави, на новото шоу би требало да работат Џорџ Р.Р. Мартин, Рајан Кондал и Мигел Сапочник, а би се базирало на книгата на Мартин насловена како „Оган и крв“.
Дејството на серијата би било поставено 300 години пред настаните во „Игра на тронови“ и ја раскажува приказната за семејството Таргеријен, соопшти HBO.
Даенерис Таргеријен, улога која во „Игра на тронови“ ја толкуваше Емилија Кларк, беше главен лик во базичниот серијал, кој заврши на почетокот од годинава.
„Универзумот ‘Игра на тронови’ е толку богат со приказни“, изјави Кејси Блојс, претседател на програмите на HBO. „Со нетрпение очекуваме да ја истражиме историјата и потеклото на семејството Таргеријен и древните денови на Вестерос заедно со Мигел, Рајан и Џорџ“.
Проектот ќе го одбележи првото официјално продолжение на HBO на „Игра на тронови“, серијата која ја понесе Еми наградата за најдобра драма во септември.
Според некои најави, истата би требало да го носи името „Куќа на змејот“.