СЗО: Во Бурунди има над седум милиони заболени од маларија

Светската здравствена организација објави дека повеќе од седум милиони случаи на маларија се пријавени во Бурунди оваа година.

Здравствените власти оценуваат дека постојат повеќе фактори одговорни за избувнувањето епидемија, како што се недостиг на заштитни мрежи за креветите, проблеми со лекови и климатски промени.

Според СЗО, речиси 2.700 луѓе починале во оваа источноафриканска земја оваа година, а евидентирани се 64 отсто повеќе случаи на заболување во однос на 2018 година.

СЗО наведува дека „веројатно постои намалување на ефикасноста на третманот, за што се води истрага”.

Бурунди порачува нови лекови и подготвува кампања, која подразбира прскање на домови со инсектициди и дистрибуција за мрежи за кревети, како заштита од комарци.

Научниците стравуваат дека поради високите температури е можна наезда од комарци, кои шират маларија и други болести.

На глобално ниво, околу 219 милиони луѓе годишно заболуваат од маларија.

Треба да знаете
Последни објави