Турското Министерство за одбрана ја демантираше информацијата дека Анкара планира да купи руски ловци „Су-35″, информира Тасс.
Претходно весникот „Дејли Сабах” соопшти дека Анкара и Москва се блиску до договор за склучување спогодба за испорака на 36 авиони за Турција.
Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар вчера ја демантираше информацијата на весникот.
-Информацијата дека Турција ќе купи руски „Су-35″ не одговара на реалноста. Ние сме партнери во проектот (за создавање на американски ловци од петата генерација) „F-35″, вратете ни ги правата, изјави Акар за порталот Хаберлер.
Во меѓувреме, на 22 октомври Дмитриј Шугаев, шефот на руската Федерална служба за воено-техничка соработка, изјави дека е прерано да се зборува за оддржување преговори за договор или испорака на „Су-35″ и „Су-57″ за Анкара.
Тој, меѓутоа, забележа дека консултациите и натаму траат.
Расправата за тоа дека Анкара може да купи руски ловци се засили по посетата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на Москва, на 27 август. Тој пројави интерес за борбените авиони на дизејнерското биро „Сухој” за време на својата посета на аеро шоуто „MAKS-2019″, заедно со рускиот претседател Владимир Путин.
Портпаролот на Белата куќа, во писмена изјава од 17 јули, кажа дека одлуката на Анкара да купи руски системи за ПВО „С-400″ ја прави невозможна ситуацијата таа да продолжи да учествува во американската програма за создавање на „F-35″.
Турција планира да купи 100 авиони и да произведува дел од опремата, елементите и авиониката за новиот авион.