Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, праша дали и зошто власта брза да ги постави новите амбасадори Теута Арифи во САД, Дане Талески за НАТО, Мишо Докмановиќ во Израел и Сашко Насев во Бугарија. Според пратеникот, невкусно и непринципиелно е власта пред избори да именува амбасадори.
„Зошто испраќате политички амбасадори пред избори. Да не се доведеме во ситуација тие да бидат отповикани откако ќе се смени власта. Ќе ве потсетам на случајот со Александар Николовски кој требаше да замине во Брисел токму пред избори. Можеби на овие луѓе сакате на овој начин да им се одолжите, но верувајте не им правите услуга“, рече Милошоски.
Премиерот Зоран Заев потврди дека двајцата од споменатите амбасадори ќе бидат испратени, без да посочи за кој станува збор, со напомена дека овие биле важни амбсадорски места кои треба да се пополнат.
„Не се мешам во изборот на имињата, иако знам дека за двајца имаат разговарано претседателот и министерот за надворешни работи. Според мене има доволно време пред избори да се изврши избор и овие лица да ги пополнат испразнетите места, особено во НАТО“, рече Заев.