Според правобранителот на Европскиот суд на правдата, Полска, Унгарија и Чешка не успеаја да ги исполнат своите обврски одбивајќи да примат бегалци како дел од прераспределбата одлучена од страна на ЕУ за приливот на мигранти во 2015 година, јави дописникот на МИА.
Заклучоците на правобранителот на Европскиот суд на правдата не се обврзувачки за судот со седиште во Луксембург, но судите често ги следат заклучоците на обвинителот.
Јавната правобранителка Елеонор Шарпстон посочи три „важни аспекти”.
– Неисполнувањето на овие обврски затоа што, во одреден случај, тие се непожелни или непопуларни е опасен прв чекор кон пропаѓање на уредното и структурирано општество, управувано од владеењето на правото, истакна Шарпстон.
Исто така, таа го посочи и „принципот на лојална соработка” меѓу земјите членки и „принципот на солидарност”, што „понекогаш подразбира нужно прифаќање и делење на товарот”.
Трите земји беа изведени пред Судот на правдата од страна на Европската комисија, која ги обвини дека не учествувале во привремени програми за прераспоредување во екот на мигрантската криза.
Овие две решенија, во кои потенцијално се однесуваа на од 40.000 до 120.000 апликанти за меѓународна заштита, беа донесени на самитите меѓу лидерите на државите-членки на ЕУ и беа обезбедени квоти за прифаќање од страна на земјите-членки како помош на Италија и Грција, кои се наоѓаат во првата линија на пристигнувања на мигрантите.
Шарпстон оцени дека Полска, Унгарија и Чешка „не можат да се повикаат на своите одговорности за одржување на јавниот ред и зачувување на внатрешната безбедност за да не се примени валиден акт на Унијата со кој не се согласуваат”. Таа додаде дека законодавството на ЕУ предвидува средства за заштита на безбедносните интереси на една земја-членка „во однос на специфичен апликант”. Понатаму, истакна дека другите држави побарале и добиле привремени прекини на обврските за справување со одредени тешкотии. Покрај тоа, смета дека „легитимните интереси на земјите-членки за зачувување на социјалната и културната кохезија можат ефикасно да се заштитат со други, помалку рестриктивни средства, отколку еднострано и целосно одбивање да ги исполнат своите обврски”.
ЕК соопшти дека ги „има во предвид” заклучоците и сега ја чека конечната одлука. Според бројките на Комисијата, преку овие две програми, 12.706 лица биле преместени од Италија и 21.199 од Грција во другите земји-членки, т.е. „скоро сите оние кои одговараат на критериумите”. Двете програми сега се затворени.