Околу 50 авиони низ светот се приземјени откако Боинг откри дека делот во близина на крилата од моделот 737 NG може многу лесно да напукне.
Австралиската авиокомпанија „Квантас” приземји еден од своите авиони Боинг 737 NG, откако во еден негов дел открила „пукнатина”.
Превозникот соопшти дека неколку авиокомпании ги прегледале своите авиони од моделот 737 NG, откако Боинг откри дека постои таков проблем.
„Квантас” тврди дека дури и кога би дошло до пукање, тоа веднаш не може да ја загрози безбедноста на леталото.
– Никогаш не би користеле авион, доколку не е целосно безбеден, се наведува во соопштението.
Боинг наведува дека пукнатините се пронајдени во делот на авионот кој помага да се зацврсти крилото.
Минатиот месец американските регулатори наложиле проверка на сите 737 NG авиони кои извршиле повеќе од 30.000 летови.
„Квантас” тврди дека ниту еден авион од нивната флота 737 NG не летал повеќе од 30.000 пати, а авионот со пукнатината имал помалку од 27.000 летови.
Австралиската авиокомпанија соопшти дека до утре ќе ги прегледа сите 33 авиони во својата флота.
И американскиот превозник „Саутвест Ерлајнс” неодамна откри пукнатина во еден од своите 737 NG авиони.