Клиничката болница „Аџибадем Систина” во 2016 година беше прва во државава што ја доби престижната акредитација Joint Commission International (JCI). Годинава болницата доби и реакредитација, уште еднаш потврдувајќи дека работи според светски стандарди, информираа по средбата со новинарите од таа здравствена установа
– Бенефициите кои ќе ги добијат пациетите во болницата се безбедна и квалитетна здравствена заштита, која се базира на процедури на евидентирани докази, унифицирана клиничка пракса, култура на безбедност која се однесува не само на персоналот, туку и на пациентите и на нивните најблиски и раководство кое постојано е подготвено да ги следи критериумите на безбедна и квалитетна здравствена заштита, истакна менаџерот за квалитет во болницата, Милена Буџаровска
Посочи дека во процесот на реакредитацијата тројцата ревизори од JCI, доктор, сестра и тим лидерот кој по професија е административец, успеале во болницата низ секој елемент да навлезат и да ги проверат строгите критериуми, да направат нивна евалуација на ефективност, вклучувајќи ја и комуникацијата со персоналот, со вработените, хигиеничарите, со пациентите и уште еднаш потврдиле дека болницата ги исполнила сите критериуми на JCI и се здоби уште еднаш со златниот печат.
Медицинскиот директор на болницата проф.д-р Љупчо Лековски рече дека Комисија од JCI била во ревизија на болницата во периодот од 14 октомври од 18 октомври, која успешно завршила и докажале дека работат според строгите стандарди и принципи на JCI со што се гарантира безбедноста на нивните пациенти и сигурноста во спроведување на медицина и постапки базирани на медицински докази.