Во моменти кога од ЕУ стигнуваат вести дека на земјите од Западен Балкан, наместо полноправно членство, би можело да им биде понудено партнерство, се појави план Б, пренесуваат српските медиуми.
Тој план, како што пренесува Танјуг од другите белградски медиуми, се искристализирал од инсистирање на српскиот претседател, Александар Вучиќ на засилена регионална соработка.
Како што наведува неименуван извор од дипломатски кругови за весникот „Курир“, се работи за модел на економска унија на земјите од регионот, која би соработувала со ЕУ до полноправно членство на секоја земја одделно.
„Западниот Балкан треба подобро да се поврзе. Тоа би била економска унија во која сите земји ќе соработуваат, економски ќе ги јакнат своите пазари и кога ќе дојде време за прием, во ЕУ ќе влезат како економски силни земји“ објаснува изворот за „Курир“.
Според информациите на весникот, за идејата за тесна регионална соработка, Вучиќ добил поддршка од црногорскиот претседател, Мило Ѓукановиќ.