Израелските власти повторно ја уапсија поранешната палестинска пратеничка, само неколку месеци откако таа беше ослободена од притвор, соопшти денеска нејзиното семејство.
Гасан Џарар, сопругот на 57-годишната Калида Џарар, изјави дека израелските сили денеска ја уапсиле во нејзиниот дом во Рамала на Западниот Брег.
Високата функционерка на Народниот фронт за ослободување на Палестина беше ослободена во февруари после 20 месеци во таканаречен административен притвор, без обвинение.
Израел спроведува политика со која се овозможува луѓето да се држат во притвор со месеци, без судење.
Израелската армија на Твитер објави дека изминатата ноќ на Западниот Брег се уапсени неколку лица под обвинение за тероризам, но одби да даде информации за идентитетот на уапсените.
Израелската служба за безбедност Шин Бет одби да коментира.