Со судири меѓу дел од демонстрантите и полицијата заврши студентскиот протест во центарот на Атина.
Инцидентите настанаа кога студенти од левичарски партии и здруженија, кои одржаа посебен протест, и покрај дождот, се судрија со полицијата, обидувајќи се да го пробијат блокот, а ги нападнаа специјалните полициски единици со дрва и камења, на што полицијата одговори со солзавец и шок бомби, јави дописничката на МИА од Атина.
Првиот блок студенти од различни универзитети мирно и масовно протестираше низ улиците на Атина и пред грчкиот Парламент.
Студентите извикуваа „Бесплатни студии за секој студент”, „Нова демократија, слушнете добро вашиот закон ќе остане на хартија”, „Дајте пари за образованието, а не за колењата на НАТО”.
Дел од нив, во разговор со дописничката на МИА од Атина, објаснија зошто и оваа седмица исто како и минатата излегоа на протест иако дел од нивните барања веќе се изгласани од грчкиот Парламент. Тие истакнаа дека се против промените во постдипломските студии, против изедначување на дипломите од приватните колеџи со оние од универзитетите, но и против укинатиот студентски имунитет.
– Според новиот закон на Владата, дипломите од универзитетите ќе имаат иста вредност со оние од колеџите. Ова значи дека и за оние кои завршуваат на колеџите и за оние од државните универзитети, ќе се намалат работничките права и за нас и за нив. Ние не сме против студентите од колеџите, затоа што утре ќе се најдеме во иста работна средина, изјави Димитрис, кој е студент на Правниот факултет во Атина.
Студентката Василики за МИА наведе дека „на многу универзитети нема студентски домови, па така еден студент, кој ќе замине на студии во друг град ќе треба да изнајми стан и скапо да плати”. Таа додаде дека студентите од Владата бараат да се реши проблемот со недостигот на студентски домови.
Студентите потенцираат дека и понатаму ќе продолжат со демонстрациите.