Ситуацијата со мигрантите, вклучително и барателите на азил, на грчките острови во Егејското Море е драстично влошена во последните 12 месеца, потребни се итни мерки за решавање на очајните услови во кои живеат илјадници луѓе, вели комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, јави дописничката на МИА од Атина.
За време на петдневниот престој во Грција, Мијатовиќ ги посети прифатните центри на Лезбос, Самос и Коринт и се осврна на, како што рече „експлозивната ситуација” во која живеат бегалците и мигрантите.
Паралелно ги повика грчките власти да преземат итни мерки за основните потреби на луѓето и заштита на нивните човекови права, предупреди дека доколку не се најде соодветно и итно решение, овие услови во комбинација со постоечките тензии, постои ризик да доведат до понатамошни трагични настани, но и ја поздрави одлуката на официјална Атина да префрли 20 илјади мигранти од островите во другите делови од земјата.
– Ситуацијата е експлозивна. Има огромен недостаток на медицинска нега и санитарни услови во пренаселените кампови што ги посетив. Луѓето чекаат со часови за да добијат храна и да одат во тоалети, вели Мијатовиќ.
Таа објаснува дека на островот Самос, семејства сами прават простор на стрмните ридишта за да ги постават своите импровизирани засолништа кои честопати се направени од дрвја што самите ги сечат.
– Ова веќе нема никаква врска со прием на баратели на азил. Ова стана борба за опстанок, додава таа.
Мијатовиќ вели дека европските земји мора да преземат поголема одговорност во обезбедувањето начини за дислокација на луѓе од Грција во други земји-членки, што „на Грција ќе ѝ даде простор да дише и да направи структурни подобрувања”. Додава дека приоритет треба да им се даде на децата без придружба, а во исто време итно да се забрзаат семејните обединувања на оние, чии членови на семејството се наоѓаат во други членки на Унијата.
За новиот закон за добивање азил, за кој денеска расправа грчкиот Парламент, а доцна вечерва ќе биде и гласањето, комесарката за човекови права на Советот на Европа, вели дека законот и неговата имплементација не смее да доведе до поголем и подолг притвор.