По примерот на големите светски градови, за прв пат во Република Северна Македонија локалната самоуправа, односно Општина Центар заедно со 20 здруженија од областа на културата формираа заеднички институција.
Културно социјалниот простор ЈАДРО е креиран како хибриден модел помеѓу Општината од една страна како основач, и од другата страна асоцијацијата.
„Сега сме буквално во завршната фаза на отворање на овој простор, каде моделот на цивилно партнерство за прв пат ќе биде доживеан и почувствуван, не само од културните работници, туку, и од заедницата. Установата се вика Културно социјален простор „Центар Јадро“ и очекуваме овој момент да го споделиме со сите во граѓанскиот сектор на почеток на месец декември кога би имале програмска прес-конференција каде ќе се образложи во детали што ќе се случува оваа година.“ – изјави Јане Чаловски, претседател на ЈАДРО.
Најзначајно за овој модел е што се работи за еден одговорен, критично поставен модел каде што сите имаат еднакво право на присуство, посебно младите, односно на оние кои им е најмногу потребна поддршка за да можат да продолжат понатаму во својата работа. Ова е модел кој ги обединува сите. Не станува збор за партикуларни интереси на еден проект или организација, туку, сите чинители ќе можат овој простор да го доживеат како свој. – додаде Чаловски.
„Денес, заедно со претставниците на ЈАДРО се наоѓаме пред објектот – поранешна урбана заедница Дане Крапчев, каде ќе биде сместен Центарот. Работиме на привршување на сите градежни активности со што целиот објект ќе добие нов лик и ќе биде наменет за потребите на членките на асоцијацијата, но, и за сите оние кои им е најмногу потребна ваква поддршка. Ова е прв пример во Република Северна Македонија каде локалната самоуправа заедно со 20 здруженија кои се занимаваат со културата да создадат заедничка институција, се со цел поддршка од општината преку нашите активности и програми, но и на самите уметници да им помогнеме слободно да творат. Сметаме дека со овој проект ќе придонесеме за развој на културата. – изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.“
„Културно социјален простор ЈАДРО е формирана во октомври 2016 година и претставува резултат на успешниот процес ја ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена која заедно со Општина Центар е еден од ко-основачите на установата. Една од главните функции на Културно социјален простор ЈАДРО е да го нуди својот простор за програмите на независната културна сцена, но, и на поширокиот граѓански сектор. Просторот и установата ќе функционираат како отворена платформа за уметнички организации, асоцијации, неформално групи и поединци кои ќе можат да ги користат ресурсите на овој центар, пред се за да ги развиваат своите идеи од областа на културата.“ – изјави Јасмина Билаловиќ, директор на КСП Центар ЈАДРО.
ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена во Северна Македонија ги опфаќа сите чинители кои делуваат на полето на културата во државата, додека културно социјалниот простор е сместен во зградата на урбаната заедница Дане Крапчев, во Општина Центар.