Спрецијалниот пратеник на државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД) за Западен Балкан, Метју Палмер, утре (петок, 1 ноември) ќе престојува во Приштина, каде што ќе има обраќање пред студенти и претставници на оргнизациите на граѓанското општество, објави Амбасадата на САД во Косово.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, засега нема информации дали освен со студентите и невладините активисти, на кои ќе им се обрати во Националната библиотека, Палмер ќе се сретне и со државни и политички лидери на Косово.
– Заменик-помошникот државен секретар на САД, воедно специјален пратеник на државниот секретар за Западен Балкан, Метју Палмер ќе се обрати на публика составена од студенти и претставници на граѓанското општество. По обраќањето, тој ќе одговара на прашања од таа публика. Настанот е закажан за во 15 часот, в петок, се наведува во соопштението на Амбасадата на САД во Приштина.
Американскиот дипломат ќе престојува во Косово по еднодневната официјална посета на Северна Македонија.