Со перформансот „Живот за еден сон” на Факултетот за драмски уметности, утревечер од 20:00 часот почнуваат интернационалните студентски средби „Скомрахи 2019″ што годинава се одржуваат по 28-ми пат и траат до 5 ноември.
Продеканката на ФДУ Мими Таневска Србиновска на денешната прес-конференција вели дека средбите станале многу популарни и има голем одѕив годинава. Најави богата програма за овие пет дена – пет театарски претстави и триесет филмови од Сараево, Приштина, Љубљана, Софија, Загреб и од Звечан.
Како што посочи професорката на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) Невзати Кренаре, претставата „Животот за еден сон” е посветена на сите што имаат свој сон од детството па до крајот на животот.
В сабота во 17:00 часот ќе се одржи филмска проекција од Академијата за драмски уметности од Загреб и Академија за сценски уметности од Сараево. Во 19:00 часот ќе има промоција на книга за Златко Славенски „ТВ БОКС Теоретски прилози и филмско сценарио”. Академијата за театар, филм и телевизија од Љубљана ќе настапи со претсава според „Ќелавата пејачка” од Ежен Јонеско „Оган” режија Жива Бизовичар студенти во класата на Јернеј Лоренци и Бранко Јордан.
Филмска проекција ќе има в недела на ФДУ – Скопје, во 17:00 часот. Потоа, во 18:00 часот промоција на списание „Ars Academica” бр. 7, во 19:00 часот театарска претстава на Национална академија за театар и филмска уметност „Крсто Сарафов” Софија – Филип Ридли „Синиот ѕвер отаде” студенти во класата на Сава Драгунчев, и во 21:00 часот претстава на Факултет за драмски уметности од Белград – Хозе Санчиз Синистерa „Еј Кармела” студенти во класата на Драган Петровиќ.
Во понеделник Факултетот за драмски уметности од Белград во 17:00 часот ќе има филмска проекција и во 20:00 часот театарска претстава на Академијата за сценски уметности Сараево – Шила Стивенсон „Сеќавањето на водата” студенти во класата на Ермин Браво.
Последниот ден од „Скомрахи 2019″, во вторник од 17:00 часот ќе има филмска проекција од Факултетот за драмски уметности од Приштина и Академија за театар, филм и телевизија од Љубљана. Во 20:00 часот театарска претстава од Факултетот за уметности Звечан – „Животот мој” студенти во класата на Александар Ѓинѓиќ.
Во рамки на програмата за „Скомрахи” има и „ОФФ” програма што ја организираат студентите, а годинава се состои од музичка програма и една изложба. Годинава, како што информираше студент на ФДУ, се фокусирале повеќе на ди-џеј и алтернативна музика.
Деканот на ФДУ Лазар Секуловски, одговарајќи на прашање дали државата одвојува средства за уметноста, рече дека генерално се соочуваат постојано со проблеми, бидејќи едукацијата на студентите од областа на уметноста, особено сценско-изведувачките и аудио-визуелните уметности е скапа работа.
– Велат културата е кислородот на една држава. Ние малку потешко дишеме овде особено и како образовна институција, бидејќи разбирањето за уметноста и за спецификата на нештата генерално е секогаш на маргините на она што всушност би требало да значи некакво разбирање, рече Секуловски.