Црногорскиот претседател Мило Џукановиќ изјави дека прашањето за црквата сега реално е на дневен ред, бидејќи станува збор за важен проблем за државниот, националниот, културниот и верскиот идентитет на Црна Гора.
„Работата на Српската православна црква во однос на Црна Гора исто така го прави итно ова прашање“, додал тој.
„Како што можеме да видиме, од највисоките кругови на СПЦ имаме навредлив однос кон Црна Гора како држава и однос кој преку активностите на филијалата на СПЦ во Црна Гора настојува да ги поништи сите вредности на модерна Црна Гора.
Ние мора, според јазикот на историските факти и логика, втемелен во канонско право и водени од нашите интереси, да градиме општество со целосни слободи, вклучително и религиозни, да обезбедиме секој граѓанин да може да ги оствари своите верски права во црквата во која сака, а не во некоја што некој ја пропишува како монопол“, изјави Џукановиќ за новинарите во Подгорица, а пренесе агенцијата „Танјуг“.