На хранилиштето за мршојадцина Витачево во близина на Кавадарци вчера успешно беа пуштени во природа двата млади белоглави мршојадци кои од глад и изнемоштеност беа пронајдени паднати во Берово пред неколку недели.
Акцијата за нивно ослободување беше организирана од Македонското еколошко друштво (МЕД) во соработка со здружението „ Аквила“ од Кавадарци и низа државни институции. Птиците се маркирани, опремени со GPS предаватели ибезбедно се вратени во природа.
„На висорамнината Витачево постои активно хранилиште за мршојадци управувано од здружението „Аквила“ од Кавадарци и таму редовно се исхрануваат птици од овој загрозен вид. Затоа најлогично беше птиците да бидат ослободени токму на оваа локација со цел тие да можат да се приклучат во јато заедно со возрасни единки од истиот вид. Младите мршојадци имаа лесен лет и успешно се вклопија во овој терен“, изјави Ненад Петровски, член на Македонско еколошко друштво.
МЕД пред неколку недели доби повик од Здружението за заштита на животни „Про Анима“ од Берово за необична ситуација, односно во два наврати во градот беа пронајдени штотуку пролетани белоглави мршојадци кои не беа во состојба да летаат и талкаа во градот. Во координирана акција Македонското еколошко друштво заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за животна средина и просторно планирање птиците беа безбедно пренесени во Скопје каде што беше извршен ветеринарен преглед и птиците беа сместени во карантин во Зоолошката градина во Скопје со цел нивно опоравување и закрепнување. Откако беше констатирано дека мршојадците се во добра здравствена состојба и се способни да продолжат сами да се снаоѓаат во природата се пристапи кон акцијата за нивно враќање во природата.