Колку политичките лидери и партии се подложни или продуцираат лажни вести? Кај кого е одговорот „за Вистината“? – на овие теми вечерва во КликПлус на 21ТВ дебатираa Коста Петров – потпретседател на СДСМ и експерт за ПР, Младен Чадиковски – претседател на ЗНМ, Иво Котевски – директор на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ и Марјан Забрчанец – посебен советник за односи со јавноста на премиерот Заев. -Што се однесува до лажните вести, тоа е глобален проблем. Она што е важно и интересно е што не засега сите нас, не само ВМРО против СДСМ бидејќи шират параноја и конфликти. Одговорност на сите нас е да бидеме транспаренти во комуникацијата и едукацијата за лажните вести. – рече Петров. Котевски го обвини премиерот и лидер на СДСМ Заев дека кога ќе отвори уста – лаже. -Заев е синоним за лага. Животот го претвори во кошмар. СДСМ за жал дојде на власт со куп лаги. Најдобро ќе беше вечерва да беше тука. Една од најголемите лаги беше дека ќе се справат со загадувањето. – рече Котевски. На ова Забрчанец реплицираше дека факт е дека оваа влада ја врати евтината тарифа на струјата, намалено е ДДВ на парното со цел повеќе граѓани да се грејат на парно, факт е дека оваа власт обезбеди 10 милиони евра за 10.000 инвертер клими за граѓаните. -Ние го чистиме воздухот кој 10 и кусур години го загадуваа. ВМРО ништо не превземаа за загадувањето, посочи Забрчанец. На прашањето дали најавата за трамвај во Скопје е лажна вест Забрчанец рече дека верува дека проектот за трамвајот е на реални основи и за истиот има временска рамка. -Јас дали верувам или не верувам дека Скопје ќе добие трамвај, немам став толку сме навикнати на многу нереализирани ветувања. Оставам времето да покаже, претпоставувам дека треба да се прави разлика меѓу лажни вести и лажни ветувања. – рече Чадиковски.